Опис
Етаж С25 е челичен топловоден котел на цврсто гориво наменет како за греење така и за готвење и печење на храна. Вкупниот топлински ефект е 25 kW, од кои во радијаторите и другите изменувачи на топлина е максимално 17÷18 kW, а остатокот од моќноста преку плочата и рерната се оддаваат на средината во која се наоѓа шпоретот.
Казанот е изработен од котелски лим 5mm со големи отвори за ложење и во него може да се сместат 28 литри вода. Рерната е со волумен од 52 литри. Решетките се од сив лив со дебелина од 25mm и можат да се постават во две положби; горната положба е за т.н. летен режим, но во такви услови препорачуваме да има и потрошувач на санитарна топла вода.
Приклучокот за оџак е Ø145mm и секое приклучување на помал пречник или на оџак ѕидан од цигла претставува ризик за нормална работа на котелот. Според местото на приклучување на оџакот, котелот може да биде лев или десен.
Во составот на стандардна опрема е и специјален регулатор на воздух за спратни котли. Секој котел има и можност за приклучување на термичко осигурување со отекување кое е препорачливо кога Етаж С25 работи во затворен систем на греење.